НАТО објави дека се уште е тек потрагата по четворица американски војници кои исчезнаа за време на обука во Литванија, појаснувајќи ја претходната несмасна изјава на нејзиниот генерален секретар Марк Руте, според која војниците се мртви.
Руте вчера во Варшава изјави дека ја слушнал веста за исчезнувањето на американските војници и дека неговите мисли се со нивните семејства и со САД.
„Потрагата сè уште трае. Жалиме за конфузијата околу денешните изјави на генералниот секретар на НАТО. Тој се осврна на дојдовните вести и не ја потврди судбината на исчезнатите, која сè уште е непозната“, соопшти синоќа Алијансата, дообјаснувајќи ги изјавите на Руте.
Американската војска соопшти дека судбината на војниците сè уште не е откриена. Војската на САД соопшти дека оклопното возило „Херкулес“ во кое се наоѓале за време на обуката било пронајдено потопено во вода и дека американската војска, литванските вооружени сили и цивилните агенции вршат напори за извлекување.
Војниците, кои биле од 1-та бригада на 3-та пешадиска дивизија, изведувале тактичка обука кога исчезнале.
Во изјавата во Варшава, Руте рече: „Ова е сè уште рана вест, така што не ги знаеме деталите. Тоа е навистина страшна вест и нашите мисли се со нивните семејства и нивните најблиски“.
Литванската телевизија ЛРТ објави дека во вторникот попладне, четворица американски војници и нивното возило биле пријавени за исчезнати за време на вежба на полигонот во близина на градот Пабрада, кој се наоѓа на помалку од 10 километри од границата со Белорусија.