Свет Живееше 100 години

Највлијателниот американски дипломат или воен злосторник – смртта на Хенри Кисинџер предизвика противречни реакции во САД

Њујорк тајмс денеска напиша дека Кисинџер, кој ја формирал историјата на Студената војна, ги добивал своите цели со бомбардирање и воена агресија врз противниците. 

Највлијателниот американски дипломат или воен злосторник – смртта на Хенри Кисинџер предизвика противречни реакции во САД

Смртта на Хенри Кисинџер, поранешен државен секретар на САД и советник за национална безбедност во неколку администрации, кој се смета за еден од највлијателните дипломати во историјата на Америка, предизвика противречни реакции во САД, јави дописникот на МИА.

Кисинџер синоќа почина на возраст од 100 години и американските и други странски политички лидери високо ја оценија неговата служба како дипломат и искусен заштитник на американските интереси.

-Државниот секретар Кисинџер навистина поставуваше стандарти за сите кои рабатат во оваа служба, кои го следеа, изјави сегашниот шеф на американската дипломатија Ентони Блинкен и додаде дека имал „таква среќа многупати од него да добијам совети, вклучително и не толку одамна пред околу еден месец. Тој беше необично широкоград во својата мудрост и советите. Малку се оние кои така ја студирале историјата и уште помалку се оние кои сториле повеќе во нејзиното формирање како Хенри Кисинџер“.

„Америка загуби еден од најодговорните и неповторливи гласови“ (во надворешната политика), изјави поранешниот претседател на САД Џорџ Буш помладиот.

-Кога тој стана државен секретар, поставувањето на поранешен имигрант на таа функција, зборува за неговата големина како и за големината на Америка, додаде Буш.

Кисинџер по национално потекло е Евреин, роден во Германија меѓу двете светски војни.

Амбасадорот на Кина во САД, Се Фен, изјави дека е „длабоко потресен и ожалостен“ од смрта на Кисинџер.

-Тој секогаш ќе биде во срцата на кинескиот народ како најценет стар другар, изјави дипломатот.

Поранешниот државен секретар на САД, Мајк Помпео, кажа дека Кисинџер оставил неизбришлива трага во американската и светската историја.

-Секогаш спремен да помогне, секогаш информиран, неговата мудрост ме направи подобар и поподготвен после секоја наша средба, напиша Помпео на социјалната мрежа Х.

Критичарите на Кисинџер, добитник на Нобелова награда за мир за завршувањето на Виетнамската војна и автор на десетици книги, доаѓаат од прогресивната левица. Многумина по социјалните мрежи постираа радосни видеа за неговата смрт.

Њујорк тајмс денеска напиша дека Кисинџер, кој ја формирал историјата на Студената војна, ги добивал своите цели со бомбардирање и воена агресија врз противниците.

Наслов на списанието Rolling Stone гласи: „Хенри Кисинџер, воен злосторник и лубимец на владеачката класа на Америка, конечно, сепак, почина“.

Волстрит журнал го опишува како „женкар“ чие лице за тоа се покажало по неговото бомбастично интервју со италијанската новинарка Оријана Фалачи во 1972 година. Во него за италијанската публика тој кажал „за мене жените се само диверзија, хоби“. За тоа интервју тој потоа жалеше и беше искритикуван од претседателот Ричард Никсон, пишува весникот.

За време на зентитот на Виетнамската војна администрацијата на Никсон изведе тајна кампања за бомбардирање на Камбоџа и Лаос во која загинаа илјадници, тоа го засили подемот на Црвените Кмери и теророт во Камбоџа.

Активистите за човекови права сметаат дека одговорен за ова е Кисинџер. Авторот Кристофер Хичинс во 2001 година за ова издаде книга насловена „Судењето на Хенри Кисинџер“.  (МИА)

To top