Израел изврши големи напади врз цели поврзани со Хутите во Јемен, објави денеска израелската армија, при што во нив загинале најмалку две лица, пренесе проиранска бунтовничка група.
Израелските воздухопловни сили нападнаа воена цел недалеку од претседателската палата во Сана, објави израелската армија на Телеграм, додавајќи дека биле нападнати и две електрани и складиште за гориво што го користат Хутите. Армијата објави дека бранот напади е одговор на нападите на Хутите врз Израел, од кои последниот беше извршен завчера. Израелската воздушна одбрана ги пресретна ракетите, наведе ИДФ.
Најмалку две лица загинаа, а 35 се повредени во „ционистичките“ воздушни напади врз Сана, објави Министерството за здравство на Хутите.
Според министерството, нападнати биле инфраструктура и цивилни цели. Очевидци во Сана рекоа дека слушнале гласни експлозии. Некои од погодените енергетски цели, вклучувајќи електрана и објект за складирање гориво, биле користени за цивилни цели, соопшти министерството.
Во нападите учествувале повеќе од 10 израелски воени авиони, соопштија израелски воени извори. Целите биле оддалечени до 2.000 километри од израелската граница, па авионите се полнеле со гориво неколку пати во воздух.
Израел денеска ги обвини Хутите дека „веројатно“ за првпат користеле касетна муниција во нивниот последен напад врз Израел.
„Ова е првпат таква ракета да биде лансирана од Јемен. Сепак, важно е да се напомене дека воздушната одбрана на Израел може да се справи со овој вид муниција“, соопшти ИДФ.
Хутите објавија завчера дека започнале нов напад врз меѓународниот аеродром во близина на Тел Авив. Ракетата, според израелската војска, се распаднала во воздух пред да ја достигне целта. Дел од ракетата наводно паднал во близина на аеродромот.
Амнести Интернешнл објави дека Иран користел касетна муниција во одговорот на израелските напади во јуни. Меѓутоа, таа муниција е забранета според меѓународното право, наведуваат ОН.