Најмалку 70 лица загинаа во вчерашните израелски напади врз бегалскиот камп Магази во Појасот Газа, соопштија локалните здравствени власти, кои се под контрола на Хамас, јави ДПА.
Според портпаролот на Министерството за здравство во Газа, израелските напади погодиле неколку семејства во кампот.
Од ДПА не можеа да ја потврдат оваа информација преку независни извори. Портпаролот на израелската војска рече дека извештаите се истражуваат.
Израелските сили извршуваат напади во Појасот Газа од 7 октомври, откако Хамас и други радикални палестински групи извршија крвави напади врз Израел, вклучително и масовни убиства на цивили.
Според Министерството за здравство во Газа, повеќе од 20.258 луѓе се убиени, а 53.688 се повредени, главно цивили, од почетокот на конфликтот. (МИА)