Повеќе од една петтина од луѓето киднапирани од Хамас во нападот врз Израел на 7 октомври минатата година се мртви, според внатрешната проценка на израелската армија.
Израелското разузнавање заклучило дека најмалку 32 од преостанатите 136 заложници загинале од почетокот на војната, пишува Њујорк Тајмс. Семејствата на 32-та заложници чија смрт е потврдена се известени, според четворица воени претставници кои разговарале со Њујорк Тајмс.
Овој број е поголем од кој било претходен што израелските власти јавно го обелоденија за загинати заложници. Како одговор на барањето за коментар, израелската војска соопшти дека повеќето од заробениците биле убиени уште на 7 октомври.
Повеќе од 240 луѓе беа заробени од Хамас и неговите сојузници за време на нападот врз јужен Израел на 7 октомври, што го натера Израел да возврати со масовни воздушни напади, а потоа и копнена инвазија.
Околу половина од заложниците беа ослободени, речиси сите за време на привремениот прекин на огнот во ноември, кога беа разменети за 240 палестински затвореници и притвореници во израелските затвори. (МИА)