По делегацијата на ЕУ, денеска околу Нацрт-измените на Кривичниот законик на Албанија, реагираше и мисијата на ОБСЕ во оваа земја, посочувајќи, дека и тие не биле вклучени во нивната подготовка.
Во одговор до медиумите, ОБСЕ наведува дека, иако немале директно учество во процесот на измени, го разгледуваат достапниот нацрт и се подготвени да дадат конкретни препораки.
„Мисијата на ОБСЕ во Албанија ја нагласува важноста на Кривичниот законик како фундаментален закон за кој е потребно време и целосен процес на консултации. Иако не бевме вклучени во изготвувањето на предложените измени, го разгледуваме достапниот нацрт и сме подготвени да дадеме конкретни препораки до новата влада и парламентот, во согласност со нашиот мандат за поддршка на демократските институции и владеењето на правото во Албанија“, се наведува во одговорот на ОБСЕ.
Претходно, по изјавата на премиерот Еди Рама, дека измените ги подготвиле европски експерти, Делегацијата на ЕУ во Тирана, потврди дека не била дел од експертската група оценувајќи дека измените „не се во согласност со европските стандарди“.
Од таму изразија „особена загриженост во врска со законските измени предложени од работната група, кои можат да имаат негативно влијание врз правата на граѓаните, слободата на изразување и слободата на медиумите“.
Резерви во однос на овој нацрт, изразија, раководители на правосудни институции, граѓански организации и здруженија на новинари а остро се спротивстави и Националната комора на адвокати.
По лавината реакции Рама најави дека измените ќе бидат ставени на јавна расправа, додавајќи дека „доколку не добијат согласност од ЕУ нема да бидат дадени на усвојување во законодавниот дом“.