Министрите за надворешни работи на земјите од Г7 „најостро“ го осудија испраќањето ирански балистички ракети во Русија.
– Иран мора веднаш и целосно да ја прекине својата поддршка за нелегалната и неоправдана војна на Русија против Украина и да го запре таквиот трансфер на балистички ракети, беспилотни летала и слични технологии, се наведува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на Канада, Франција, Германија и Италија, Јапонија, Велика Британија и САД.
Според Г7 оружјето со кое Техеран ја снабдува Москва „претставува директна закана за украинскиот народ, како и за европската и меѓународната безбедност“.
Претходно оваа недела, американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран и дека најверојатно ќе ги употреби во рок од неколку недели, а САД, Германија, Велика Британија и Франција воведоа нови санкции за Техеран.
Москва и Техеран ги отфрлија обвинувањата на западните сојузници.