Свет ЕУ

Министрите од ЕУ остро ги осудија руските напади врз Киев

Во агендата за утрешниот ден е вклучена и војната во Газа, за која земјите-членки на ЕУ имаат поделени ставови – дел, како Шпанија и Франција, бараат построг однос кон Израел, додека други, како Германија, се противат на санкции.

Министрите од ЕУ остро ги осудија руските напади врз Киев

Министрите од Европската Унија денеска остро ја осудија најновата серија руски воздушни напади врз Киев, во кои загинаа повеќе лица, меѓу нив и деца, и повикаа на воведување построги санкции против Москва, јави ДПА.

– Овие напади покажуваат дека (рускиот претседател Владимир) Путин се потсмева на секој обид за мир, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за одбрана и надворешни работи во Копенхаген. Таа додаде дека новите санкции насочени кон руската енергетика и финансискиот сектор „најмногу ќе ја погодат Русија“.

Сличен став изрази и литванската министерка за одбрана Довиле Шакалиене, која изјави дека Путин „евтино купува време за да убива повеќе луѓе и да симулира волја за прекин на сопствените злосторства“.

Ирскиот министер за одбрана Сајмон Харис оцени дека неопходно е разгледување на дополнителни санкции за вршење поголем притисок врз Москва.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дека наскоро ќе биде претставен 19-тиот пакет санкции.

Министрите во Копенхаген ќе разговараат и за безбедносните гаранции за Украина по завршувањето на војната.

To top