Уставниот суд на Хрватска денеска предупреди дека актуелниот претседател Зоран Милановиќ како непартиска личност не смее да биде кандидат за пратеник, ниту кандидат за премиер, ниту на кој било начин да учествува во изборната кампања.
Одлуката на судот денеска на прес-конференција ја соопшти претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ.
Шепаровиќ кажа дека доколку Милановиќ сака да се кандидира за функцијата, прво мора да поднесе оставка од функцијата претседател, по што должностите на претседателот ќе ги преземе претседателот на парламентот, а во рок од 60 дена треба да се распишат претседателски избори.
Шепаровиќ ги повика Милановиќ и СДП да постапат во согласност со Уставот на земјата.
Уставниот суд, додаде тој, очекува сериозност од Милановиќ и другите учесници во изборниот процес. (МИА)