Во 2024 година подзабавивме и не можеме да бидеме горди поради тоа, но во 2025 година треба да забрзаме ако сме навистина сериозни во напорите да го потврдиме местото на Европа на светската сцена, бидејќи имаме малку простор за друг избор, порача претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола на прес-конференција по нејзиното денешно учество на Самитот на ЕУ во Брисел.
Според неа, во услови на сегашното „чувство на итност“ една од најитните безбедносни грижи на ЕУ треба да биде руското мешање во Молдавија, Грузија и на Западниот Балкан.
– Со години велиме дека проширувањето е геополитичка неопходност. Сепак, во последната деценија изгубивме повеќе членки, отколку што добивме. Поентата ми е дека ако продолжиме „да се влечкаме“, тогаш не треба да бидеме изненадени ако другите се вмешаат за да ја пополнат празнината, порача Мецола.
Таа нагласи дека на вчерашниот Самит ЕУ-Западен Балкан се водела многу искрена, отворена и директна дискусија за сите прашања и лидерите од регионот ги изнеле нивните напори за приближување кон Европската Унија, но, како што рече, реформите мора да бидат реални и нивното спроведување ќе биде клучно.
– Проширувањето мора да остане засновано на заслуги, засновано на нашите критериуми. Но, и ние треба да ги засилиме нашите напори, додаде Мецола.
Таа изрази надеж дека новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта ќе може да го искористи своето повеќегодишното искуство како премиер во постигнувањето компромиси, решавањето на спорови и надминувањето на несогласувања меѓу луѓето, за да помогне за надминување на споровите, не само на државите на ЕУ со соседите и трети земји, туку и меѓу самите членки.
– Тоа е она што ни треба. Да имаме храброст, да продолжиме да разговараме за овие работи, дури и за тешки работи, бидејќи ако не се зборува за проблемите, не ќе може ни да се надминат, рече Мецола.
Таа нагласи дека од нејзиното искуство во Европарламентот и самата видела дека за да се реши некој проблем, луѓето треба да се соберат во иста просторија.
– Тоа би му го сугерирала и на новиот претседател на Советот. Да се обиде да ги организира овие дискусии колку што е можно скоро и билатерално, но и со шефовите на држави или владата. Јас воопшто не сум песимист околу тоа, додаде Мецола.
Кога станува збор за Украина, според неа, ЕУ треба да ги интензивираме своите напори за работите да се движат во правец кон постигнување мир.
– Но, не каков било мир. Не некоја лажна верзија на мир што ја продава Русија, туку вистински и траен мир. Мир со достоинство, мир со слобода, мир со правда. Ни треба пат до вистински мир. Но, водечкиот принцип мора да остане „Ништо за Украина без Украина“, рече Мецола.
Таа нагласи дека на Украина треба ди се овозможи да преговара од позиција на сила, па затоа од стратешка важност е да продолжи поддршка на ЕУ за Формулата за мировниот план и Планот за победа на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според Мецола, во стратешки и колективен интерес на ЕУ е руските средства да останат замрзнати и блокот да се договори за дополнителни санкции против рускиот претседател Владимир Путин и неговите сојузници.
– Затоа е стратешки важно да останеме непоколебливи во нашата дипломатска, финансиска, воена и хуманитарна помош со Украина, рече Мецола, додавајќи дека во пресрет на зимата, ЕУ мора да ги мобилизира своите сојузници ширум светот со цел Украина да остане високо на глобалната агенда и дека ја добие најшироката можна меѓународна поддршка.
Таа потсети и на, како што ја нарече, „историската одлука“ за целосно интегрирање на Романија и Бугарија во Шенген зоната, за што, според неа, „романските и бугарските пријатели работеле толку напорно и толку долго“.
Мецола се осврна и на останатите случувањата во соседството во ЕУ, потенцирајќи дека луѓето во Грузија со недели мирно протестираат на улиците повикувајќи на европска иднина на земјата, дека во Молдавија властите се залагаат за брзо усвојување на Планот за раст на земјата, како и дека во пресрет на белоруските т.н. претседателски избори на 26 јануари, мора да се зборува за слободна и демократска Белорусија и да се привлечат луѓето да ги свртат погледите кон Европа и да го видат европското лидерство и вистински одлуки и акции.
Кога станува збор за ситуацијата на Блискиот Исток, според Мецола, неодамнешниот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Либан „нуди трошка надеж“, но, како што рече, мирот не може да се одржи само со надеж.
– Затоа во Газа нашите повици за ослободување на заложниците ќе останат непоколебливи. Нашите повици за прекин на огнот ќе останат решителни. Нашата работа за деескалација ќе продолжи. И нашата работа за долгорочен мир мора да остане непоколеблива, рече Мецола.
Според неа, ситуацијата, исто така, е критична и во Сирија, каде милиони Сиријци бараат слободна, стабилна и сигурна иднина по „распадот на бруталниот режим на Башар Асад“.
– Важно е што ќе се случи во следните денови во однос на изборите што сега се прават и кои ќе ја обликуваат иднината. Дијалогот, единството, почитувањето на основните права и меѓународното право мора да го предводат патот напред. Сега е нашиот момент да се засилиме и да го интензивираме нашиот ангажман со партнерите во изнаоѓање решение. Последиците од неактивност би биле високи, рече Мецола.
Таа се осврна и на случувањата во Венецуела, нагласувајќи дека во „овој критичен момент“, ЕУ треба да остане обединета во одржување на поддршката опозицискиот лидер Едмундо Гонзалес Урутија и да му се овозможи „да се врати дома следниот месец и да го заземеме заслуженото место како претседател на државата“.
– Европа треба да игра улога во Украина, во нашето соседство, на Блискиот Исток, во Латинска Америка и во целиот свет. И време е заеднички да го исполниме тоа ветувањето заради Европа, заклучи Мецола. (МИА)