Американскиот мултимилијардер Илон Маск следната недела ќе учествува на панел против антисемитизмот и ќе го посети логорот на смртта Аушвиц, неколку месеци откако беше критикуван за поддршка на антисемитска теорија на заговор на неговата социјална мрежа Икс.
Маск беше обвинет за антисемитизам во ноември минатата година, кога на Икс одговори со „Ја кажавте вистинската вистина“ на објава во која се наведува лажно тврдење дека еврејските заедници поттикнуваат омраза против белите луѓе.
Белата куќа веднаш ги осуди неговите коментари, а израелскиот претседател Исак Херцог ја критикуваше објавата на Маск. Потоа тој ја призна својата грешка, опишувајќи ја како „една од најглупавите“ работи што некогаш ги објавил на платформата.
Маск ќе престојува во Полска само една недела пред Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот на 27 јануари. (МИА)