Германскиот европратеник Маркус Пипер синоќа соопшти дека се повлекува од должноста европски претставник за мали и средни претпријатија на која официјално требаше да стапи од денеска, откако целиот случај со неговото именување го доби епитетот афера „Пипергејт“ во која директно беше вмешана и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Именувањето на Пипер предизвика реакции затоа што дојде само неколку дена пред неговата Христијанско демократска унија (ЦДУ) да ја објави својата поддршка за кандидатурата на Фон дер Лајен за втор мандат како претседателката на ЕК. Пипер е малку познат во пошироката јавност, но важи за влијателен во редовите на ЦДУ, па неговата сопартијка Фон дер Лајен беше обвинета дека партиската поддршка за „шпиценкандидат“ на Европската народна партија (ЕПП) ја „купила“ со неговото именување. Дополнително беше објавено и дека двете противкандидатки на Пипер за функцијата, Чехинката Мартина Длабајова и Швеѓанката Ана Стелингер, наводно покажале за 30 проценти подобри резултати на тестовите во постапката за селекција, што го зголеми притисокот врз Фон дер Лајен, како од медиумите, така и од некои членови на Европската комисија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, по повлекувањето на Пипер, Фон дер Лајен соопшти дека местото претставник за мали и средни претпријатија ќе биде пополнето по изборите за членови на Европскиот парламент во јуни.
– Одлучив да го суспендирам повторното отворање на процедурите за избор на претставник за мали и средни претпријатија до европските избори, соопшти Фон дер Лајен.
Во писменото соопштение, таа посочи и дека Маркус Пипер е „докажан експерт за мали и средни претпријатија“ и дека „преовладувал во процесот на избор во повеќе фази“.
– Мора да се почитува автономијата на секоја институција на ЕУ при именувањето на нејзините високи функционери, се додава во соопштението.
Пипер, од своја страна, во изјава за германскиот весник „Ханделсблат“ нагласи дека се решил на ваквиот чекор затоа што еврокомесарот за внатрешен пазар Тјери Бретон, кој требаше да му биде директно претпоставен, „однапред го бојкотирал неговото назначување“.
– Во моментов не гледам можност за исполнување на легитимните очекувања поврзани со должноста, додаде Пипер.
Бретон беше еден од четворицата членови на ЕК, заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жосеп Борел и еврокомесарите за економија и за работни места и социјални права, Паоло Џентилони и Николас Шмит, кои реагираа на именувањето на Пипер, упатувајќи до Фон дер Лајен писма со „критичка содржина“. Борел, Џентилони и Шмит доаѓаат од редовите на партии членки на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), а Бретон од Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон, која е дел од либералната група „Да ја обновиме Европа“. Дополнително, Шмит е шпиценкандидат на СД и со тоа директен ривал на Фон дер Лајен на изборите.
Од друга страна, Бретон, кој не бил присутен за заседанието на Колеџот на комесари при именувањето на Пипер, наводно се залагал на тоа место да биде назначена либералната чешка европратеничка Мартина Длабајова.
Инаку, Длабајова на почетокот на минатиот месец испрати Жалба до Генералниот директорат за персонал и безбедност на Европската комисија на изборот на Пипер, во која прашува дали „претставникот на ЕУ за мали и средни претпријатија е назначен врз основа на оценките за успешност“, како што се резултатите од тестовите, интервјуата и рангирањето, како и дали при изборот се водело сметка за „политиките за еднакви можности“.