Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го изрази своето незадоволство од одлуката на Европската комисија привремено да го примени договорот за слободна трговија меѓу Европската унија и земјите од Меркосур, оценувајќи ја таа одлука како „непријатно изненадување“ за Франција и „лош начин на дејствување“ кон Европскиот парламент.
Макрон истакна дека Франција има сериозни резерви во врска со тој договор и предупреди дека презема „голема одговорност кон земјоделците кои изразија загриженост“, но и кон граѓаните на Европа и нивните претставници кои не беа соодветно почитувани, пренесува Фигаро.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претходно изјави дека сите 27 членки на ЕУ ќе започнат со привремена примена на договорот за слободна трговија со неколку латиноамерикански земји, и покрај силните приговори од Франција.
„Во текот на последните недели, имав обемни разговори со земјите-членки и членовите на Европскиот парламент. Врз основа на тоа, (Европската) комисија сега ќе продолжи со привременото спроведување на договорот“, рече Фон дер Лајен во кратко обраќање до новинарите.
Меркосур е политичко-економска организација составена од Аргентина, Бразил, Парагвај, Уругвај и Венецуела, а нејзина цел е слободна трговија и слободен проток на стоки, луѓе и капитал.