Свет

Макрон го бранеше доделувањето француско државјанство на Павел Дуров

Макрон го бранеше доделувањето француско државјанство на Павел Дуров

Францускиот претседател Емануел Макрон ја бранеше својата одлука да му даде специјално државјанство по брза постапка на извршниот директор на апликацијата за пораки Телеграм, Павел Дуров, кој се соочува со прелиминарни обвиненија во Франција за наводна криминална активност на неговата популарна платформа.

Макрон, исто така, рече дека не знаел дека Дуров ќе пристигне во Франција пред неговото ненадејно апсење викендов и оти не планирал да се сретне со него.

Застапниците на слободата на говорот, крајно десничарски личности и авторитарни влади ширум светот се изјаснија во одбрана на Дуров и ги критикуваа француските власти за случајот.

Дуров беше ослободен со кауција од пет милиони евра, но му е забрането да ја напушти Франција и треба да се јавува во полициска станица двапати неделно додека трае истрагата.

Француските обвинители го обвинуваат Дуров за соучесништво во овозможување на трговија со дрога и споделување сексуални слики на деца на Телеграм, како и за одбивање да соработува со властите кои истражуваат нелегални активности на апликацијата.

Адвокатот на Дуров, Давид-Оливие Камински, за француските медиуми изјави дека „целосно е апсурдно да се мисли дека лице задолжено за социјална мрежа може да биде вмешано во кривични дела кои не го засегаат директно или индиректно“.

Случајот го привлече вниманието на предизвиците поврзани со контролата на нелегалните активности на Интернет, како и на необичната биографија и повеќето пасоши на Дуров кој е роден во Русија.

Зборувајќи на прес-конференција за време на посетата на Србија, Макрон синоќа рече дека Франција ја поддржува слободата на изразување и слободата на претприемачите. Според него, одобрувањето на барањето на Дуров за француско државјанство – како спортски ѕвезди, изведувачи и други кои придонесуваат за богатството на Франција и го учат францускиот јазик – е „добро за земјата“.

Макрон го спомена и извршниот директор на Snapchat, Еван Шпигел, кој, како и Дуров, доби француско државјанство не преку вообичаениот тежок и бирократски процес, туку преку посебна процедура за „заслужни странци“.

Францускиот сатиричен и истражувачки весник Le Canar Enchen објави дека кога бил уапсен во саботата, Дуров и рекол на полицијата дека планира да се сретне со Макрон.

Макрон ги негираше тие тврдења.

– Апсолутно не знаев за доаѓањето на господинот Дуров во Франција. Не е точно дека сум му предложил некаква покана, рече францускиот претседател и додаде дека апсењето на Дуров е „независен чин на француското правосудство“.

Најнови вести од Свет

To top