Свет Телевизиско обраќање,

Мадуро: Ја почитувам одлуката на Гонзалес Урутија да ја напушти Венецуела

Тој повика на „политика на дијалог“ и посочи дека „само демократијата и остварувањето на волјата на народот можат да бидат патот кон иднината на земјата“. 

Мадуро: Ја почитувам одлуката на Гонзалес Урутија да ја напушти Венецуела

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро денеска изјави дека ја почитува одлуката на лидерот на најголемата опозициска коалиција Едмундо Гонзалес Урутија да ја напушти земјата и да замине во Шпанија, откако му беше одобрено барањето за азил.

-Можам да ја покажам сета почит за одлуката што ја донесовте, рече Мадуро во телевизиско обраќање, пренесува EFE.

Владата на Венецуела во саботата објави дека Гонзалес Урутија ја напуштил земјата и добил „безбеден премин заради спокојството и политичкиот мир“, откако помина неколку дена во шпанската Амбасада во Каракас, по поднесеното барање за азил.

Мадуро истакна дека по заминувањето на Гонзалес Урутија од Венецуела, земјата е „мирна“.

-Игравме фер и чесно победивме. А кога велам дека победивме, тоа значи дека победи мирот во земјата, денес земјата е мирна и аплаудира на тоа што се случи, рече Мадуро.

Урутија во неделата рече дека неговото заминување од Венецуела во Шпанија „било придружено со епизоди на притисок, принуда и закани“.

„Го направив тоа за работите да се сменат и да изградиме нова ера за Венецуела“, рече поранешниот дипломат на мрежата X.

Тој повика на „политика на дијалог“ и посочи дека „само демократијата и остварувањето на волјата на народот можат да бидат патот кон иднината на земјата“.

Јавниот обвинител во Венецуела минатата недела издаде налог за апсење на опозицискиот лидер откако тој не се појави на суд во три наврати каде што требаше да сведочи за активностите на веб-страницата на која опозицијата ги објави резултатите од изборите во земјата, во која Гонзалес Урутија извојува убедлива победа. Како што наведе обвинителот, таа веб-страница се обидува да го доведе во прашање „овластувањето на изборното тело“, кое објави дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро победил на изборите на 28 јули, иако не ги објави резултатите од гласањето.

Гонзалес Урутија беше обвинет и за „заговор“ и „поттикнување на непочитување на законот“, како и за „саботирање на системот“. Беше распишана потерница по него бидејќи, како што се наведува, постоела опасност да побегне. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top