Враќањето на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД доминира на неформалниот состанок на лидерите на Европската унија во Будимпешта, а нивната генерална порака е дека Европа мора да ја преземе контролата над својата судбина.
Лидерите на ЕУ вечерва дебатираат за конкурентноста на економијата на европскиот блок од 28 земји.
Претседателот на Европскиот совет во заминување, Шарл Мишел, за кого ова е последен европски самит, е убеден дека лидерите на Унијата можат да излезат пред јавноста со декларација која може да послужи како рамка за зајакнување на таа конкурентност, пренесе Бета.
Реизборот на републиканецот Доналд Трамп, по четири години администрација на претседателот Џозеф Бајден од Демократската партија на САД, го засили „чувството на итност“ кај Европејците, изјави поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, презентирајќи нов извештај.
Според него, она што ЕУ мора итно да го реши е „фрагментацијата на заедничкиот пазар и унијата на европските пазари на капитал“.
Премиерот на Белгија во заминување, Александар де Кро, оцени дека реизборот на Трамп може да послужи како катарза за Европската унија.
„Тоа би можело да не направи посилни“, рече де Кро, додавајќи: „На Европа понекогаш и се потребни вакви моменти, кога ќе се соочи со фактите. Тоа може да даде нов поттик“.
Тој повика на дијалог со Трамп за да му стане јасно дека царинската војна може да ги погоди и САД, а Кина е конкурент и на двете.