Свет

Курти ја повика косовската дијаспора да излезе на изборите во ЕУ и да гласа за Алијансата на социјалистите и демократите

Косовскиот премиер, Албин Курти ги повика денеска косовските граѓани кои живеат во земјите од Европската унија и кои имаат право на глас во тие земји, да излезат што помасовно на изборите за Европскиот парламент што од 6 до 9 јуни ќе се одржат во 27-те членки на ЕУ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти ја повика косовската дијаспора да излезе на изборите во ЕУ и да гласа за Алијансата на социјалистите и демократите

Косовскиот премиер, Албин Курти ги повика денеска косовските граѓани кои живеат во земјите од Европската унија и кои имаат право на глас во тие земји, да излезат што помасовно на изборите за Европскиот парламент што од 6 до 9 јуни ќе се одржат во 27-те членки на ЕУ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку видео-обраќање на неговата страница на Фејсбук, Курти порача дека овие избори се „можеби најважните уште од првите европски избори во 1979 година“ и побара од косовската дијаспора да гласа за кандидатите на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите.

– Како премиер на Република Косово, јас ја изразувам мојата верба дека ќе гласате за силите на напредокот, за оние сили кои не се екстремни и кои имаат јасен став кон оние држави кои се јасно непријателски настроените кон ЕУ и кои се противат на проширувањето на ЕУ. Како лидер на (партијата) Движење самоопределување, се разбира, сум го одбрал европското и проевропското семејство… Ние припаѓаме на левиот центар, на втората сила во ЕП, значи на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите, или СиД (S&D), како што е позната со соодветниот акроним, порача Курти.

Според косовскиот премиер, овие избори се „исклучително важни и одлучувачки за иднината на Европа“, пред сè поради тоа што се одржуваат во ситуација кога се случува една директна војна токму во Европа, во Украина“, по агресијата што ја изврши претседателот на Русија, Владимир Путин.

„Оваа војна ја започна една фашистичка идеологија од Путиновиот Кремљ… Второ, имајте ги предвид поделбите што постојат во ЕУ и во земјите членки преку овие поделби. Потпирајќи се на одредени екстремистички политички струи или лидери на власт во овие земји, Русија, исто така, врши штетно влијание со години, вели КУрти.

Целта на Русија и „нејзините европски сојузници надвор и внатре во ЕУ“, според косовскиот премиер, „е јасна: слабеење на ЕУ, слабеење на проектот за проширување на ЕУ и НАТО“.

Во однос на Косово, вели Курти, се настојува да се спречи секоја интегративна перспектива на државата.

„Значи, трето, Косово како земја која аплицира за членство во ЕУ и како земја чија главна стратешка цел е интеграција во ЕУ и НАТО, не може да не учествува и да не придонесе на кој било начин за зачувување на овие организации и демократски вредности кои ги споделуваме со нив“, порача Курти во видео-пораката до дијаспората од плоштадот „Скендербег“ во центарот на косовската престолнина.

Од 6 до 9 јуни, граѓаните од сите 27 земји-членки на ЕУ ќе изберат нов состав на Европскиот парламент, што заедно со другите институции на ЕУ ќе ја обликува политиката на ЕУ во следните пет години.

Гласањето за ЕП, единствената институција на ЕУ директно избрана од граѓаните, во Холандија почнува на 6 јуни, неколку земји ќе гласаат на 7 и 8 јуни, а во повеќето земји избори ќе се организираат в недела, на 9 јуни, кога треба да се познати и резултатите од гласањето.

Годинава се избираат 720 пратеници, 15 повеќе од претходните избори во 2019 година.

Бројот на пратеници од секоја земја во ЕП зависи од нејзиното население, па така Германија ќе има 96 пратеници, Франција 81, Италија 76, Шпанија 61 и Полска 53, додека Кипар, Луксембург и Малта ќе имаат најмалку, односно по шест пратеници.

To top