Ова е резултатот од петтата рунда мировни преговори што почнаа на 4 декември во Мексико Сити.
Според договорот, ЕЛН, „како дел од продолжувањето на примирјето, ќе ги запре киднапирањата за економски цели“ во Колумбија, се вели во заедничката изјава на двете делегации.
– Ова е важно за мирот во Колумбија, изјави Вера Грабе, која ја предводи владината делегација.
Тој договор ја поставува основата за натамошно продолжување на примирјето, кое во моментов е предвидено да трае до 29 јануари.
„Продолжувањето до февруари е одржливо“, рече Пабло Белтран, шеф на делегацијата на ЕЛН.
Оваа петта рунда преговори за ставање крај на шестдеценискиот конфликт започна во услови на најтешката криза за преговарачкиот процес, создадена со киднапирањето од страна на ЕЛН на таткото на фудбалерот Луис Дијаз.
Луис Мануел Дијаз, таткото на напаѓачот на Ливерпул, беше ослободен на 9 ноември по 12 дена во заробеништво.
Неговото киднапирање предизвика криза во преговорите кои започнаа по воспоставувањето прекин на огнот во јуни.
Двете страни се договорија да се сретнат во шестата рунда преговори на 24 јануари во Куба.