Сојузот ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) вчера најавија продолжување на коалициските преговори за формирање на идната влада на Германија.
-Нè обединува заедничка цел, а тоа е создавање на основа за стабилна и ефективна влада, се вели во заедничкото соопштение на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и СПД.
По првиот круг од коалициските преговори, генералните секретари на партиите ЦДУ/ЦСУ и СПД истакнаа дека желбата на коалициските партнери е да се создаде „коалиција за надминување на големите задачи“ како што се стабилноста, економското закрепнување и социјалната кохезија.
Резултатите од првата рунда преговори на работните групи протекоа во јавноста на почетокот на неделата, покажувајќи дека сè уште има големи разлики за централните прашања како што се даноците и миграциската политика.
Почнувајќи од утре, лидерите на коалициските партии, вклучително и претседателот на ЦДУ и кандидат за канцелар Фридрих Мерц, претседателот на ЦСУ, Маркус Содер, и потпретседателите на СПД, Саскиа Ескен и Ларс Клингбејл, се очекува директно да преговараат за спорните прашања.
Преговорите треба да се одвиваат наизменично во партиските штабови на ЦДУ, СЦУ и СПД во Берлин.
Претставниците на преговарачките страни одбија да потврдат дека владата може да се формира до Велигден (20 април), како што најави Фридрих Мерц веднаш по изборите на 23 февруари.
Последниве денови извори од преговарачките кругови изјавија дека сега квалитетот е поважен од брзината на преговорите.
Сојузот ЦДУ/ЦСУ, кој освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори, веднаш по изборите и понуди коалициски преговори на третопласираната СПД.
Сојузот однапред ја отфрли соработката со второпласираната крајнодесничарска Алтернатива за Германија (АфД).
Веднаш по почетокот на прелиминарните разговори, ЦДУ/ЦСУ и СПД најавија формирање фонд за помош на економијата и обнова на инфраструктурата и Бундесверот во износ од речиси трилион евра. (МИА)