Aдвокатката Тифен Озие, инаку ќерка на првата дама на Франција, Брижит Макрон, наводно, е во врска со еден од најпознатите и најконтроверзни француски ТВ-водители денес – Сирил Ханунa. Оваа вест прв ја објави „Пари мач“ (Paris Match), којшто пренесе дека парот е забележан на вечера во ресторан во центарот на Париз.
Занимливо е што, на прв поглед, двајцата изгледаат како потполни спротивности – Тифен, со смирено и одмерено однесување, наспроти Сирил, кој се стекна со углед на „лошото момче“ од француските телевизии… Но, изворите тврдат дека меѓу нив има силна хемија. И, иако Брижит Макрон наводно ја поддржува оваа врска, француските таблоиди пишуваат и за „не толку ентузијастички“ реакции од Елисејската палата.

Сирил Хануна, познат по своето шоу „Не допирај ја мојата објава“ (Touche Pas a Mon Poste), минатиот месец ja изгуби лиценцата за ТВканалот „Це-8“ поради бројни прекршувања: навреди, хомофобија, мизогинија, ширење теории на заговор. Хануна, меѓу другото, го обвини претседателот Емануел Макрон, кој не ѝ е татко на Тифен, за неуспехот на својата емисија.
Тифен, која е мајка на две деца, лани објави роман за семејното насилство и сѐ почесто се појавува како правен стручњак во емисиите на Сирил. На почетокот на годината, како што пренесуваат француските медиуми, таа се развела од сопругот.
Сепак, некои се сомневаат во реалноста на оваа врска. Списанието „Ле поинт“ (Le point) се повикува на извори блиски до Хануна кои тврдат дека всушност ништо сериозно не се случило. Според наводите, Хануна често ги носи колегите од емисијата на вечера… Покрај тоа, Хануна привлекува внимание и поради наводните закани соработниците во шоуто. Многумина веруваат дека приказната за врската со Тифен може да му помогне на Хануна да му се доближи на нејзиниот очув – претседателот Макрон, и да ги подобри односите со него.