Кина би можела оваа година да се соочи со обилни поплави и суша во различни делови на земјата, јави државната телевизија ЦЦТВ, повикувајќи се на Министерството за водни ресурси на Кина.
Телевизијата наведе дека сезоната на поплави, која почнува денеска на 1 април, ќе донесе посилни поплави на северот на земјата, додека тајфуни би можеле да ги погодат внатрешните подрачја.
Од април до мај, делтите на Бисерната Река, покраините Фуџијан и Џеџианг, како и средниот тек на реката Јангце, можат да доживеат поплави кои ги надминуваат нивоата на предупредување. Југозападните подрачја можат да се соочат со периоди на суша, додека од јуни до август голема опасност од поплави им се заканува на подрачјата на сливот на реката Сонглиао, реката Хај и Бисерната Река.
Во истиот период, средниот и долниот тек на реката Јангце и северниот Синџијанг можат да доживеат суша поради високите температури и намалените врнежи.