Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на редовен брифинг со новинарите рече дека честитките на филипинскиот претседател Фердинанд Маркос до новоизбраниот претседател на Тајван, Лаи Чинг-те сериозно го прекршиле принципот на „една Кина“ и декларацијата за воспоставување дипломатски односи меѓу Пекинг и Манила, јави кинеска новинска агенција.
Мао истакна дека оваа честитка претставува и грубо мешање во внатрешните работи на Кина.
„Кина силно се спротивставува на ова и вложи силен протест до Филипините“, рече Мао, истакнувајќи дека помошник – министерот за надворешни работи Нонг Ронг изутрината упатил демарш до филипинскиот амбасадор во Кина и ја повикал филипинската страна да даде објаснување за честитката на Маркос.
„Изборните резултати во Тајван нема да ја променат основната шема и насока на развој на односите и нема да го запрат општиот тренд на конечно и неизбежно обединување на Кина“, посочи Мао.
Таа му предложи на филипинскиот претседател да чита повеќе книги за, како што рече, правилно да ги разбере деталите за проблемот со Тајван и од тоа да ги извлече вистинските заклучоци.