Кризите со кои се соочуваме драматично се продлабочија во текот на изминатата година, а веројатно најголемата промена во фундаменталното преориентирање се случува преку Атлантикот со преиспитување кое до темел ги потресе трансатлантските односи, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во обраќањето на Годишната конференција на Европската одбранбена агенција што се одржува во Брисел.
– Да бидам јасна. Ние сакаме силни трансатлантски врски. САД ќе останат партнер и сојузник на Европа. Но, Европа треба да се приспособи на новите реалности. Европа повеќе не е примарен центар на гравитација на Вашингтон. Оваа промена трае веќе некое време. Таа е структурна, а не привремена, рече Калас.
Таа додаде дека како што се приближуваме до четвртата годишнина од почетокот на руската инвазија врз Украина, Европа се соочува со кибернапади, саботажи против критична инфраструктура, странско мешање и манипулација со информации, воено заплашување, територијални закани и политичко мешање.
– Стана болно јасно дека Русија ќе остане голема безбедносна закана на долг рок, оцени Калас.
Според неа, Блискиот Исток преживеа година на немилосрдна криза и единствената сигурност сега е дека регионот ќе остане целосно непредвидлив, а во исто време Кина останува долгорочен предизвик со тоа што претставува ризик за европскиот економски модел, им се заканува на земјите во Источното и Јужнокинеското Море и ја поддржува војната на Русија во Украина.
– Овие случувања ставаат сериозен притисок врз меѓународните норми и правила и институциите што ги спроведуваат, а кои ги изградивме во текот на 80 години. Ризикот од целосно враќање кон политиката на принудна моќ, сферите на влијание и светот каде што силата го креира правото, е многу реален. Откако последен пат зборувавме тука, вирусот почна да се шири. Време е Европа да признае дека оваа тектонска промена е тука за да остане и дека треба да дејствува брзо, порача Калас.
Од тие причини, според неа, ЕУ треба да ги зајакне своите капацитети за одвраќање и одбрана, соодветно да ги насочи средствата што ги издвојува за одбраната и да постигне вистинска рамнотежа помеѓу иновациите и традиционалните системи.
Во тој поглед, како што нагласи Калас, од клучна важност е зајакнување на европската одбранбена индустрија за таа да ги произведува потребните капацитети или во спротивно европските пари ќе одат во странство, кај оние индустрии кои можат да го постигнат тоа.
– Ова е европскиот момент да покажеме што можеме: Бидете подготвени да го прифатите овој предизвик, истакна Калас.
Таа потенцира дека паралелно ЕУ мора да работи и на зајакнување на своите партнерства, пред сè со НАТО.
– Особено сега, кога САД ги насочуваат своите погледи кон странство и надвор од Европа, НАТО треба да стане поевропски за да ја одржи својата сила. А за такво нешто, Европа мора да дејствува. На пример, треба да се осигураме дека нашите безбедносни и одбранбени иницијативи остануваат комплементарни со НАТО. Накратко, треба да ги синхронизираме нашите напори заедно со НАТО, за да се надополнуваме едни со други и да покажеме како еден посебен европски столб додава вредност преку поголема распределба на товарот и воена сила на нашиот континент, рече Калас.
Таа се осврна и на начинот на носење одлуки во ЕУ, посочувајќи дека консензусот често ја оневозможува Европа да дејствува со релевантна брзина и тоа може да ја прави бавна.
– Секако, постојат разлики во политиките меѓу земјите членки и сето тоа е природно. Но, некои го користат консензусот како алатка за преговарање. Ветото на една земја не може да ја дефинира политиката на другите, истакна Калас.
Според неа, целта на ЕУ е создавање силна и независна Европа, вклучително и во одбраната.
– Ако она што го создаваме сега, еден ден биде наречено Европска одбранбена унија, нека биде така. Мораме да ги зајакнеме нашите инструменти, да ставиме крај на фрагментацијата, да ги пополниме нашите празнини и да ги здружиме силите со нашите партнери. Денес се соочуваме со криза која претставува прикриена можност, затоа да ја искористиме, заклучи Калас во обраќањето.