Израелските власти му испратиле на Хамас нов предлог за договор за прогласување прекин на огнот и ослободување на заложниците, јави американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на изјави на израелски претставници.
Според неименуваните функционери, изменетата рамка за договорот не се разликува значително од предлогот за кој се преговараше во август, а кој не беше спроведен. Новиот предлог е испратен до Хамас преку Египет, кој сега е главен канал за преговори, иако и Катар останува вклучен откако се повлече од улогата на посредник во преговорите, пишува американскиот портал.
Израел е подготвен да преговара за прекин на огнот што би траел меѓу 42 и 60 дена.
Претходниот предлог вклучуваше 42-дневен прекин на огнот.
Ажурираниот предлог вклучува и ослободување на сите преживеани жени кои ги држи Хамас, сите живи мажи постари од 50 години кои се заробени и заложници во критична здравствена состојба.
Како што беше предложено во претходната рамка, Израел наведе дека е подготвен да ослободи стотици палестински затвореници во замена за заложниците, од кои некои отслужуваат доживотна казна за убиство на Израелци.
Израелските власти соопштиле дека сè уште не е познато каков е ставот на Хамас за новата рамка предложена од Израел, пишува Аксиос.