Израелската влада денеска гласаше за затворање на националното Воено радио, еден од двата медиуми во Израел што се финансираат од државниот буџет.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, предложи Военото радио, што емитува програма од раните денови на државата, да биде затворено до 1 март 2026 година, опишувајќи го како обид за зачувување на непартискиот карактер на војската, објавија британските медиуми.
Неговата првична намена, наведува Кац во соопштението, беше да емитува програма за израелските војници, но со текот на времето служеше како платформа за ставови што „ги напаѓаат Израелските одбранбени сили (ИДФ) и самите членови на ИДФ“.
Кац рече дека радио станица со која управува војската, а која емитува програма за цивилите, е „аномалија“ во секоја демократија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, обраќајќи се на состанок на кабинетот, рече дека мисли дека таква радио станица постои во Северна Кореја и можеби во неколку други земји, и дека Израел веројатно не сака да биде меѓу нив.
Критичарите го осудија потегот, велејќи дека тоа ќе ја загрози слободата на говорот.
„Тие сакаат послушни медиуми, не сакаат критички медиуми“, рече Анат Сарагусти, задолжена за слободата на медиумите во Синдикатот на новинари на Израел, на кризна конференција во Тел Авив, на која присуствуваа стотици новинари.
Движењето за квалитетна влада во Израел, независно антикорупциско тело, соопшти дека поднело петиција до Врховниот суд против одлуката на владата.
Израелскиот институт за демократија (IDI), непартиски тинк-тенк, процени дека затворањето на Военото радио практично би затворило половина од независните јавно информативни програми во Израел и дека таквата далекусежна мерка мора да се дебатира во парламентот.
Покрај Военото радио, единствено уште јавниот сервис KAN, што управува со телевизиски вести со неколку радио станици и популарна дигитална платформа, е финансиран од буџетот.
Двата медиуми имаат независна уредувачка политика. (МИА)