Израелските војници застрелаа палестински тинејџер на Западниот Брег кој трчал кон нив со камен и претставувал „непосредна закана“, соопшти денеска војската.
Војниците отвориле директен оган откако момчето, опишано како „терорист“, не обрнало внимание на истрелите за предупредување во инцидент кај селото Ал-Мугајир во близина на Рамала, според израелската војска.
Палестинското Министерство за здравство во Рамала соопшти дека жртвата имала 14 години.
Палестинските жители на селото напишаа на својата веб-страница дека војниците го застрелале момчето без никаква провокација.
Палестинската новинска агенција WAFA јави за судири меѓу селаните и израелските сили, кои кулминирале со фаталното пукање. Според WAFA, израелски доселеници претходно влегле во област јужно од селото и пукале кон жителите и нивниот имот.
Војската соопшти дека Палестинците првично фрлале камења кон израелските доселеници, палеле гуми и ги блокирале пристапните патишта.
Како одговор на тоа, во областа биле испратени војници, изјави портпаролка за ДПА. По нивното пристигнување, десетици Палестинци фрлале уште камења, што предизвикало истрели за предупредување во воздухот, а потоа и „оган за елиминирање на терористот“.
Израелските сили трагаат по инволвираните во инцидентот, рече портпаролката.
Информациите дадени од двете страни засега не можат да бидат независно потврдени.