Израелската војска денеска соопшти дека од Јемен била испукана ракета, по што била активирана тревога за воздушен напад во неколку делови на земјата.
Војската подоцна соопшти дека опасноста поминала и информира дека воздушно-одбранбениот систем на Израел успешно го пресретнал проектилот. Не се пријавени повреди или поголема штета, пренесе ДПА.
Ова се случува еден ден по соопштението на израелската војска дека борбени авиони извршиле воздушни напади на воени објекти во Јемен поврзани со Хутите, поддржани од Иран.
Министерството за здравство, кое е под водство на Хутите, соопшти дека 35 лица биле убиени во нападите во главниот град Сана и во провинцијата ал-Џуф.
Откако почна војната меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас во Газа во октомври 2023 година, Хутите повеќепати лансираа ракети и дронови кон Израел, опишувајќи ги нападите како знак на солидарност со Хамас.