Министерот за одбрана Јоав Галан рече дека Израел е подготвен за можен ирански напад, откако Техеран се закани со одмазда поради наводниот израелски напад врз неговата амбасада во Дамаск.
– Во последните денови ги зајакнавме нашите одбранбени и офанзивни линии и решени сме да ги преземеме сите неопходни мерки за одбрана на граѓаните на државата Израел, рече Галант и додаде дека тие внимателно го следат планираниот напад од Иран.
Тој додаде дека заедно со партнерите, предводени од САД, ги подобриле своите способности на копно, море и воздух и во управувањето со разузнавањето. Тој го нарече Иран терористичка држава и и порача на јавноста да ги следи издадените упатства.
Израелските вооружени сили се во целосна готовност и издадоа инструкции до јавноста поради страв од ирански напад.
Наставата во училиштата и другите образовни активности се откажани
Објавувајќи ги упатствата на телевизиски брифинг, воениот портпарол Даниел Хагари рече дека десетици борбени авиони се во воздух во состојба на готовност. Наставата во училиштата и другите образовни активности се откажуваат, како и камповите и организираните екскурзии од недела па натаму, изјави Хагари за новинарите. Во недела започнува двонеделниот училишен распуст за еврејскиот празник Пасха.
Воените тензии на Блискиот Исток се зголемуваат по наводниот израелски воздушен напад врз комплексот на иранската амбасада во сирискиот главен град Дамаск на почетокот на април. Државното раководство на Иран се закани со одмазда.
Поради ова, израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац ја одложи посетата на Австрија и Унгарија планирана за недела.