Израелските безбедносни сили ја уапсија сестрата на лидерот на Хамас Исмаил Ханије во Тел Шева под сомнение дека имала врски со Хамас и учествувала во поттикнување и поддршка на тероризам, објавија изутринава израелските медиуми и израелската полиција.
Во полициското соопштение се наведува дека приведената осомничена е близок роднина на висок член на Хамас. Медиумите објавија дека станува збор за 57-годишната Зебах Абдел Салем Ханије.
Според полициски извори, сестрата на лидерот на Хамас Исмаил Ханије е уапсена под сомнение дека контактирала со оперативци од терористичката група и поддржувала терористички акти.
Во соопштението, полицијата наведува дека при упадот во куќата на осомничената биле пронајдени документи, телефони и други докази кои ја поврзуваат со „сериозни нарушувања на безбедноста“.