Свет војна

Израел и Либан ја ескалираат реториката, додека САД се обидуваат да спречат војна

Израел и Либан ја ескалираат реториката, додека САД се обидуваат да спречат војна

Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, во вторникот предупреди дека одлуката за тотална војна со либанското шиитско движење Хезболах може да дојде наскоро, и покрај напорите на САД да спречат ескалација на конфликтот.

Американскиот пратеник Амос Хохштајн е испратен во Либан за да ги намали тензиите по зголемениот прекуграничен баражен оган долж јужната граница на Либан, како и навестувањата на Хезболах дека може одмаднички да ја нападне Хаифа, третиот по големина град во Израел.

Хезболах, кој одржува тесна поврзаност со Иран, разменува оган со Израел во последните девет месеци паралелно со почетокот на израелската војна во Појасот Газа. Минатата седмица, движењето го лансираше својот најголем бараж од ракети и беспилотни летала кон израелските воени позиции и постројки на северот од еврејската држава, откако во израелски напад загина негов високо позициониран командант.

Во објавата на X, Кац порача дека по заканата од водачот на движењето Саид Хасан Насрала да нанесе штета на пристаништата во Хаифа со кои управуваат кинески и индиски компании, „ние сме многу блиску до моментот на одлука за промена на правилата на игра против Хезболах и Либан“. „Во отворена војна, Хезболах ќе биде уништен, а Либан ќе биде жестоко претепан“, додаде тој.

Израелската војска подоцна соопшти дека „оперативните планови за офанзивата во Либан се одобрени и потврдени и донесени се одлуки за продолжување на зголемувањето на состојбата на готовност на војската на теренот“.

„Израел ќе плати висока цена, но земјата е обединета и мора да ја врати безбедноста на жителите на северот“, додаде Кац.

Хезболах соопшти дека нема да ги прекине своите напади доколку не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа.

Од почетокот на тековната војна меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас ланскиот 7-ми октомври, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден трескавично работи на намалување на можноста за ширење на воениот пожар во регионот што би ги вовлекло САД во нов блискоисточен судир или може да ги доведе во дополнителен ризик американските војници распоредени во регионот во Сирија, Ирак и Јордан, а кои изминатите месеци стотина пати веќе беа цел на удари на со проектили и дронови на шиитски милиции во регионот.

Портпаролката на Пентагон рече дека САД не сакаат поширока регионална војна на Блискиот исток. Хохштајн, специјалниот пратеник на американскиот претседател Џо Бајден, рече дека тој бил испратен во Либан веднаш по краткото патување во Израел, бидејќи ситуацијата е „сериозна“.

„Видовме ескалација во изминатите неколку седмици. А она што го сака претседателот Бајден е да избегне понатамошна ескалација во поширока војна“, рече Хохштајн во вторникот.

Тој претходно во вторникот се состана со командантот на либанската армија и разговараше со новинарите по состанокот со претседателот на либанскиот парламент Набих Бери, кој го предводи вооруженото движење Амал поврзано со Хезболах и кое исто така истрелува ракети врз Израел.

Зголемената прекугранична размена на оган меѓу Израел и Хезболах им отежнува на САД да ги намалат тензиите во регионот, особено во настојувањата на администрацијата на Бајден да посредува за договор за заложниците и прекин на огнот во Газа. Администрацијата смета дека разговорите за прекин на огнот и тензиите меѓу Израел и Хезболах се испреплетени. САД и Франција користат дипломатски напори за да обезбедат договор за прекин на непријателствата долж либанската граница.

Историјат на војните меѓу Израел и Хезболах

За разлика од ненадејниот напад на Хамас во октомври, можната војна со Хезболах во Либан е нешто што израелската војска го има како опција со години наназад, според американските власти. Израелските трупи во северната команда вежбаат во единици со големина на бригада, но сè уште не се во позиција да започнат напад, изјави американски официјален претставник.

Мировните сили на Обединетите нации во Либан (UNIFIL), кои ја надгледуваат областа од 1978 година, уштев во јануари го прогласија вториот највисок степен на аларм.

Израел бара Хезболах да се повлече од границата за да обезбеди безбедност на цивили на северот на земјата. Исто така, Тел Авив се закани со употреба на воени агенти доколку не доведат до дипломатски напори за повлекување. Повеќе од 76.000 луѓе ги напуштија своите домови во јужниот дел на Либан од почетокот на неодамнешните размени на оган. Повеќе од 80.000 луѓе беа евакуирани од израелската страна на границата…

Овие судири од почетокот на октомври претставуваат најсериозен воен конфликт од втората либанска војна во 2006 година. Но, набљудувачите велат дека двете страни сè уште следат одредени непишани правила, бидејќи досега избегнуваа натамошна ескалација.

Хезболах, кој е поддржан од Иран, ја контролира владата во Либан и има арсенал на ракети кои претставуваат закана за Израел. Еврејската држава, од друга страна, се смета дека е воено способна да му нанесе неизмерно голема штета на Либан.

Либанската шиитска групација Хезболах е активна во јужен Либан и во Сирија, чијашто територија на Голанската висорамнина Израел ја анектираше во 1981 година.

Хезболах, чии милиции се вооружувани и обучувани од Иран, е далеку помоќна борбена форамција од палестински Хамас, а разликата е и во припадноста на шиитскиот и сунитскиот огранок на исламот. Од последната војна меѓу Израел и Хазболах во 2006 година, либанското движење стана многу помоќно. Се проценува дека Хазболах има арсенал од повеќе од 100.000 ракети, а покрај тоа неговите единици се здобија со богато борбено искуство учествувајќи од 2011 година во војната во Сирија.

Хезболах и Израел водеа две големи војни од 1980-тите. Израелските трупи беа принудени да се повлечат од Либан по конфликтот во 2006 година. Хезболах има значително присуство во јужен Либан и периодично се конфронтира со израелските сили кои патролираат по границата.

Во војната од 2006 година со израелската сила, Хезболах се покажа како сериозен противник, а воените аналитичари предупредуваат дека неговите борци се стекнале со големо борбено искуство со учеството во војната во соседна Сирија започната од 2011 година, и оти движењето е добро вооружено благодарејќи на целосната поддршка од Иран.

Движењето на шиитската заедница во Либан со неговото воено крило е формирано во заднината на долгата граѓанска војна со вмешаност на САД и Израел во 1982 година со поддршка на Иранската револуционерна гарда. Се смета дека е најдобро вооружена групација во регионот на Блискиот исток, а се здоби со големо борбено искуство учествувајќи во регионалните војни главно во Сирија на стрнаа на владата на претседателот Башар ал-Асад.

Најнови вести од Свет

To top