Израел денеска оцени дека планот на четири европски земји да работат во насока на признавање на палестинската држава е „награда за тероризмот“ што ќе ги намали изгледите за решение на израелско-палестинскиот конфликт со договор.
Шпанија во петокот објави дека се договорила со Малта, Ирска и Словенија да ги преземе првите чекори кон признавање на палестинската државност во окупираниот Западен Брег и Појасот Газа.
Со Појасот Газа долго време управува Хамас, кој не сака мир со Израел и кој го нападна на 7 октомври, предизвикувајќи разорна војна во Појасот Газа што поттикна насилство на Западниот Брег, каде Израел има големи еврејски населби.
„Признавањето на палестинската држава по масакрот на 7 октомври испраќа порака до Хамас и другите палестински терористички организации дека крвожедните терористички напади против Израелците ќе бидат одговорени со политички гестови кон Палестинците“, објави шефот на израелската дипломатија, Израел Кац, на платформата X.
„Решавањето на конфликтот ќе биде можно само преку директни преговори меѓу двете страни. Секој ангажман за признавање на палестинската држава само го одложува постигнувањето решение и ја зголемува регионалната нестабилност“, додаде тој.
Меѓутоа, тој не наведе какво решение има на ум. (МИА)