Покрај пандемијата, кризите и војните, мнозинството граѓани на земјите членки на Европската унија и натаму се многу задоволни од животот, покажуваат резултатите од најновото истражување објавено од европскиот завод за статистика Евростат.
Истражувањето беше спроведено во 2022 година и во него од луѓето ширум ЕУ се бараше да оценат колку се задоволни од нивната животна ситуација на скала од еден до 10. Жителите на ЕУ го оценија животот во просек со 7,1, додека во 18 од 27 земји на ЕУ задоволство од животот е оценето со просечна или повисока оценка отколку што е во ЕУ, пренесува Дојче веле.
Во сите земји освен во Бугарија, просечните оценки за задоволството од животот биле над шест, што значи дека мнозинството луѓе во ЕУ се изјасниле дека се повеќе задоволни отколку незадоволни.
На последните три места се Бугарија (5,6), Германија (6,5) и Грција (6,7), каде што треба да се нагласи дека во последните десет години животното задоволство во Грција е зголемено за 0,5 поени, додека во Бугарија е зголемено во однос на 2013. за 0,8 поени.
Според истражувањето, задоволството од животот кај Германците паднало за 0,8 поени, што претставува најголем пад меѓу сите земји на ЕУ.
Од друга страна, најзадоволна земја е Швајцарија со просечна оценка 8 и покрај тоа што не е членка на ЕУ, но се појавува во студиите на Евростат.
Од членките на ЕУ, најзадоволни се Австрија (7,9), Финска, Полска и Романија (сите со по 7,7), Белгија и Холандија (7,6), додека најголем пораст на задоволството за еден поен е забележан во Кипар, чијa просечна оценка за задоволство од животот е 7.2. (МИА)