Целта за елиминирање на гладта во светот до 2030 година изгледа сè понеостварлива, додека бројот на луѓе кои страдаат од хронична неисхранетост остана речиси непроменет во последниве години, јавија светските агенции, цитирајќи извештај на Обединетите нации.
Годишниот извештај за состојбата на безбедноста на храната и исхраната во светот проценува дека околу 733 милиони луѓе ширум светот биле изложени на ризик од глад во 2023 година, што е едно од 11 луѓе ширум светот и секој петти во Африка. Конфликтите, климатските промени и економските кризи се наведуваат како главни причини за зголемениот број на гладни луѓе.
Дејвид Лаборд, директор на одделот во Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), кој помогна во подготовката на студијата, истакна дека и покрај напредокот во неколку области, ситуацијата на глобално ниво се влошува.
„Денес сме во полоша ситуација отколку пред девет години кога ја поставивме оваа цел за елиминирање на гладта до 2030 година“, изјави тој, додавајќи дека предизвиците како што се климатските промени и регионалните војни станале посериозни отколку што се предвидуваше пред една деценија.
Ако продолжат сегашните трендови, околу 582 милиони луѓе ќе бидат хронично неисхранети до крајот на деценијата, од кои половина во Африка, се предупредува во извештајот. (МИА)