Заеднички египетско-американски тим археолози го откри горниот дел од џиновска статуа на фараонот Рамзес Втори, за време на ископувањата јужно од градот Миња во Египет, соопшти тамошното Министерство за туризам и антиквитети.
-Блокот од варовник е висок околу 3,8 метри и го прикажува Рамзес седнат со двојна круна на главата и наметка со владетелска кобра, појасни Басем Џихад, раководител на египетскиот дел од тимот.
Големината на статуата споен со нејзиниот одделен долен дел, којшто е ископан пред неколку десетлетија, би достигнала околу седум метри. На горниот дел од задниот столб на статуата се прикажани хиероглифски натписи што го воздигнуваат фараонот, инаку еден од најмоќните владетели на Древен Египет, познат и како Рамзес Велики. Тој бил третиот фараон од 19. египетска династија и на престолот бил од 1279. до 1213 година п.н.е.
-Истражувањата потврдија дека горниот дел од статуата се совпаѓа со претходно откриениот долен дел забележан од германскиот археолог Гинтер Родер во 1930 година. Мисијата почна со чистење и подготовка на блокот пред да се моделира како ќе изгледа статуата кога ќе се спојат двата дела, изјави Мустафа Вазири, управител на египетскиот Врховен совет за антиквитети.
Историскиот град Ел Ашмунеин, на западниот брег на реката Нил, бил познат во древноста како Кемну, а во хеленистичко-римската ера бил главен град на областа Хермополис Магна. (МИА)