Иран извршил најмалку 1.000 смртни казни во последните девет месеци, објави норвешката организација за човекови права Иран Хјуман Рајтс (ИХР), како што објави „Телеграф“.
Бројот на егзекуции го достигна највисокото ниво во последните триесет години, со 64 егзекуции извршени само во изминатата недела, се дознава.
Повеќето од смртните казни се со бесење, а бројот на егзекуции го надмина претходниот рекорд од 975 смртни казни од 2024 година и рекордот од 2015 година.
Директорот на ИХР, Махмуд Амири-Могадам, изјави за „Телеграф“ дека Исламската Република започнала кампања на масовни убиства во иранските затвори, а со оглед на недостатокот на сериозен меѓународен одговор, оваа кампања се шири секој ден.
Зголемувањето на егзекуциите е поврзано и со 12-дневната војна меѓу Иран и Израел, при што Техеран обвинува голем број поединци за соработка со Израел. Претседателот на иранското судство, Голамхосеин Мохсени Еџеи, изјави дека шпионите ќе бидат решително и законски санкционирани, иако нивното откривање е тешко и бара разузнавачки методи.
Експертите предупредуваат дека исламскиот режим ја искористил војната на Блискиот Исток за да ја интензивира репресијата и да создаде страв од бунт. Амнести интернешнл и други хуманитарни организации предупредија дека Иран е втор во светот по бројот на извршени смртни казни, веднаш зад Кина. (МИА)