Специјалниот известувач на Обединетите нации (ОН) за Палестина, Франческа Албанезе, изјави дека постојат легитимни причини да се верува дека Израел го преминал прагот да изврши „геноцид“ врз Палестинците во Газа.
Извештајот насловен „Анатомија на геноцидот“, кој се занимава со нападите на Израел врз Газа, беше објавен во рамки на 55-тата седница на Советот за човекови права на ОН.
Во извештајот се наведува дека Израел ја опустоши Газа со напади кои траат од 7 октомври 2023 година.
-Повеќе од 30.000 Палестинци беа убиени, вклучително и повеќе од 13.000 деца, се вели во извештајот, додавајќи дека повеќе од 71.000 луѓе се повредени, а многумина останале инвалиди.
Во извештајот се истакнува дека 70 отсто од станбените области во Газа се уништени, 80 отсто од населението е насилно раселено, а многу тела останале под урнатините.
-Илјадници луѓе се приведени и систематски подложени на нехумано и понижувачко постапување, се вели во извештајот, додавајќи дека оваа голема траума што ја доживеале Палестинците ќе трае со генерации.
Во извештајот се нагласува дека постојат легитимни причини да се верува дека Израел го преминал прагот да изврши геноцид врз Палестинците во Газа. „Еден од најважните наоди во оваа работа е дека израелската влада, военото раководство и војниците намерно ги прекршиле принципите на законот за војна со цел да го оправдаат геноцидното насилство врз палестинскиот народ“.