Илон Маск стана првата личност чија проценета нето вредност достигна 600 милијарди американски долари, според пресметките на списанието „Форбс“ објавени вчера.
Зголемувањето е поттикнато од неодамнешната продажба на акции во вселенската компанија на Маск, „Спејс-Икс“, од страна на некои вработени и инвеститори. „Форбс“ ја искористи цената утврдена во трансакциите за да процени повисока вкупна вредност за компанијата, што пак, ја зголеми пресметката на уделот на Маск. Само неколку часа претходно, „Форбс“ ја процени нето вредноста на Маск на околу 500 милијарди долари, пренесе ДПА.
Богатството на Маск е првенствено поврзано со неговите удели во производителот на електрични автомобили „Тесла“ и „Спејс-Икс“.
За разлика од „Тесла“, „Спејс-Икс“ е во приватна сопственост, што значи дека неговата вредност не е одредена од јавната цена на акциите. Во таков случај, проценките се зановаат на рунди на финансирање или продажба на акции од страна на вработените и може значително да се разликуваат од евентуалната пазарна вредност. Врз основа на цената по којашто вработените можеа да ги продадат своите акции, „Форбс“ пресмета вкупна вредност на „Спејс-Икс“ од 800 милијарди долари, што е зголемување од претходната проценка од 400 милијарди долари.
Со оглед на тоа што Маск поседува околу 40 отсто од „Спејс-Икс“, ревидираната проценка на „Форбс“ ја зголеми неговата проценета нето вредност на 677 милијарди долари.