Израелската армија (ИДФ) денеска соопшти дека извршила целен напад врз место за лансирање ракети во близина на градот Газа, откако открила неуспешен обид за лансирање ракета од локацијата, јавија британските медиуми.
Армијата соопшти дека ракетата не стигнала до израелска територија и дека базата била погодена кратко откако бил откриен обидот за лансирање.
Израел на два пати во последните 24 часа го обвини палестинското движење Хамас за кршење на прекинот на огнот во Појасот Газа, додека милитантната група соопшти дека ги истражува обвинувањата.
И покрај примирјето, Израел продолжува со воздушните напади и целните операции во Газа. Армијата соопшти дека „со крајна строгост“ гледа на секој обид на вооружени групи во Газа да го нападнат Израел.
Израел и Хамас се обвинуваат меѓусебно за сериозни прекршувања на договорот и се далеку од договор за потешките чекори предвидени во следната фаза од прекинот на огнот.