Јеменската бунтовничка група Хути тврди дека извршила ракетен напад врз Израел во текот на ноќта и лансирала хиперсонична балистичка ракета кон „окупираната Јафа“, што се однесува на израелскиот трговски центар Тел Авив, јави Тајмс оф Израел.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека се обиделе да ја пресретнат ракетата, која активирала сирени низ поголемиот дел од централен Израел.
Лансирањето уследи по нападот извршен синоќа во кој ракета истрелана од Јемен била пресретната пред да премине на израелска територија, соопшти израелската војска.
Хутите исто така тврдат дека лансирале четири дронови кон Израел. Тие нагласија дека ќе продолжат со операциите до „крајот на агресијата против Палестинците“.
Израелската полиција соопшти дека фрагменти и остатоци биле пронајдени во Ерусалим по ракетниот напад на Хутите извршен во текот на ноќта. На објавените слики се гледаат голем цилиндар, дел од ракета лансирана од Хутите, која удрила во покривот на една куќа.
ИДФ соопшти дека се обидела да ја пресретне ракетата, без да даде други детали. Засега нема извештаи за повредени.
Најмалку 11 Израелци биле повредени додека трчале кон засолништа додека бил во сила воздушна опасност поради проектили лансирани од Јемен од јеменските бунтовници Хути кон централен Израел, соопшти итната медицинска помош Маген Давид Адом.
Сирените за воздушен напад беа активирани двапати во текот на ноќта додека Хутите лансираа проектили во централен Израел, соопшти израелската војска. Војската информира дека израелската противвоздушна одбрана била активна, но не можат да потврдат дека ја собориле втората ракета на Хутите, додека првата ракета била соборена. Се истакнува дека нема повредени и не е причинета штета.