Помошник началник во австралиската полиција, Ентони Кук изјави дека во трговскиот центар „Вестфилд бондаи џанкшн“ (Westfield Bondi Junction) во Сиднеј со нож усмртени се пет луѓе.
Тој потврди дека напаѓачот е елиминиран. Според Кук, тој најверојатно дејствувал сам. Претходно дел од медиумите објавија дека во трговскиот центар имало двајца напаѓачи.
– Полицајка се соочи со напаѓачот, кој во тој момент се наоѓал на петтиот кат од трговскиот центар. Таа брзо одеше за да го стигне. Тој се сврте кон неа и го подигна ножот. Таа го застрела и го уби, истакна Кук.
Додека вршителката на должност премиерка на австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс, Пени Шарп наведе дека е шокирана од нападот.
– Шокирана сум од извештаите за повеќекратни жртви во Бондаи. Моите мисли и мислите на Владата се со жртвите, нивните семејства и првите лица кои реагираат во овој момент, како и со оние кои можеби биле сведоци на овие ужасни настани, истакна Шарп.
На социјалните мрежи се појавија видеа на кои посетителите на трговскиот центар се обидуваат да му се спротивстават на напаѓачот. Исто така се појави и фотографија од напаѓачот.
По нападот од трговскиот центар беа евакуирани најмалку стотина луѓе.