Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет прави промени во командата на армијата на САД, при што началникот на Генералштабот на армијата, Ренди Џорџ, ја напушта функцијата и заминува во пензија, соопшти Пентагон.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, на социјалната мрежа „Икс“ објави дека „Генералот Ренди А. Џорџ заминува од функцијата 41. началник на Генералштабот на армијата и се пензионира. Наредбата стапува на сила веднаш“.
Според „Си-Би-Ес њуз“, Хегсет лично побарал од Џорџ да се повлече, што подоцна било потврдено и од претставник на Министерството за одбрана. Дел од американските медиуми веќе објавија за разрешувањето на генералот Џорџ.
Промената на врвот на армијата доаѓа во време кога САД се во војна со Иран. Според „Си-Би-Ес њуз“, нема наведена директна поврзаност со конфликтот ниту конкретна причина за одлуката, но извор запознаен со случајот изјавил дека Хегсет сакал на функцијата да постави лице кое ќе ја спроведе заедничката визија што ја споделуваат со претседателот Доналд Трамп за тоа каква би требало да биде армијата на САД.
Според пишувањата на медиумите, функцијата привремено ќе ја преземе заменик-началникот на Генералштабот, Кристофер Ла Нев.
Џорџ беше назначен за началник на Генералштабот во 2023 година од тогашниот претседател Џо Бајден, а неговиот мандат требаше да трае до 2027 година.
Хегсет досега има разрешено десеттина високопоставени офицери на армијата на САД.