Американскиот министер за војна Пит Хегсет во својот говор пред Форумот за национална одбрана „Реган“ во Калифорнија, го најави новиот фокус на Западната полутопка и Европа, јави изданието „Политико“.
Тој побара од сојузниците на САД сами да се справат со предизвиците и зазеде посмирен пристап кон кинеските вооружени сили, забележа весникот.
Говорот на Хегсет открива дека администрацијата на американскиот претседател се насочува кон политика која признава зони на влијание на големите сили – Кина во Пацифичкиот регион и САД во Западната полутопка и Европа во целина, притоа само бегло осврнувајќи се на Русија.
Изјавата на американскиот министер за одбрана е поврзана со новата Национална стратегија за безбедност, објавена доцна вечерта во четвртокот, која ги претставува и глобалните приоритети на Пентагон.
Хегсет ја критикуваше американската надворешна политика по Студената војна, посочувајќи ги по име поранешните претседатели и генерали, и притоа објави крај на ерата на „утописки идеализам“ во САД.
– Крај со утопискиот идеализам. Влегуваме со тврд реализам, изјави Хегсет.
САД не треба да бидат „одвлекувани од изградба на демократија, интервенционизам, неодредени војни, промена на режими, климатски промени, будно морализирање и неодговорна изградба на нации“, наведе тој. „Наместо тоа, ќе ги ставиме на прво место практичните, конкретни интереси на нашата земја“, додаде Хегсет.
Министерот Хегсет го отфрли и мешањето на САД во внатрешните работи на другите земји.
Администрацијата на Трамп „правилно даде приоритет на нашата татковина и полутопка“, рече тој. „Заканите продолжуваат и во другите региони, а нашите сојузници мора да преземат одговорност, и тоа вистинска“, подвлече американскиот секретар.