Американската потпретседателка Камала Харис во вторникот го опиша републиканскиот кандидат Доналд Трамп како „измамник и сексуален предатор“ додека зборуваше на нејзиниот прв предизборен митинг во Милвоки како најверојатен претседателски кандидат на изборите во ноември 2024 година.
Харис говораше со преполната сала во средно училиште во државата Висконсин, една од клучните таканаречени колебливи сојузни држави додека публиката ја пречека во бурно расположение, навивајќи и скандирајќи „Камала“.
„Ќе ги поминам следните неколку седмици продолжувајќи да ја обединувам нашата партија за да бидеме подготвени да победиме во ноември“, рече Харис на митингот, само два дена откако претседателот Џо Бајден ја повлече својата кандидатура за реизбор и ја поддржа својата потретседателка како кандидат за Белата куќа, но таа допрва треба официјално да ја добие партиската номинација на конвенцијата на Демократската партија во август.
Откако го пофали Бајден и им се заблагодари на демократите за довербата, Харис го нападна Трамп и претстави визија за тоа како ќе изгледа нејзиното претседателство.
„Се нафаќав сторители од секаков вид. Предатори кои злоупотребуваа жени. Измамници кои ги искрале потрошувачите. Измамници кои ги прекршивале прописите за своја сопствена корист. Затоа слушнете ме кога велам дека го познавам типот на Доналд Трамп“, рече Харис потсетувајќи за своето работење како обвинител и државен обвинител во Калифорнија а начинот на кој дошла до тие позиции според најавите ќе се најде на преиспитување од страна на републиканците.
Харис вети дека ќе се бори за средната класа и ќе работи на искоренување на сиромаштијата. Но, еден од најгласните аплаузи за поддршка дојде на темата за правата на абортусот.
„Ќе ги запреме екстремните забрани за абортуси на Доналд Трамп затоа што веруваме дека жените треба да носат одлуки за своето тело, а не владата да им кажува што да прават. И кога Конгресот ќе донесе закон за враќање на репродуктивните слободи, како претседател на Соединетите Држави, јас ќе го потпишам како закон“, рече Харис.
„Во оваа кампања, ви ветувам дека со гордост ќе ги претставам моите достигнувања против неговите секој ден од седмицата“, рече американската потпретседателка пред навивачки расположениот аудиториум од неколку илјади собрани во средното училиште „Вест Алис“ во предградието на Милвоки, според извештаите на некои медиуми.
„Дали сакаме да живееме во земја на слобода, сочувство и владеење на правото или земја на хаос, страв и омраза?“ праша таа.
Харис води со Трамп со 44 наспроти 42 отсто меѓу регистрираните гласачи во националната анкета на Reuters/Ipsos спроведена во понеделникот и вторникот, што следи по Националната конвенција на Републиканците каде Трамп формално ја прифати номинацијата на неговата партија во четвртокот и најавата на Бајден во неделата дека ја напушта трката и ја поддржува кандидатурата на Камала Харис. Харис и Трамп беа изедначени со 44 отсто во претходната анкета од 15-ти до 16-ти јули, а Трамп водеше со еден процентен поен во анкетата од 1-ви до 2-ри јули.
Инаку, во сите три анкети кои инаку не го одразуваат вистинскиот сооднос меѓу двајцата кандидата, разликата беше во рамките на статистичка грешка од три процентни поени, но резултатите може да укажат на ограничен моментум за демократите и дека Трамп можеби не го доби вообичаениот наплив на поддршка за неговата кандидатура по минатонеделната партиска конвенција во Милвоки.