Висок функционер на палестинската група Хамас изјави дека ги смета Соединетите држави „целосно одговорни“ за смртоносниот израелски напад во јужниот град Рафах во Газа, во кој беше запален шаторски камп со раселени Палестинци.
„Ние ја сметаме американската администрација и нејзиниот претседател Бајден – лично – целосно одговорни за овој грозен масакр“, изјави Осама Хамдан пред новинарите во Бејрут.
Хамдан рече дека насилството во Газа продолжува бидејќи САД обезбедуваат „политичко и воено покритие за окупацијата и продолжуваат да го снабдуваат со воена опрема, бомби и муниција Исраел со кои секојдневно се убиваат десетици, ако не и стотици деца, жени и цивили“.
Тој ги негираше изјавите на Израел во кои се вели дека некои вооружени лица на Хамас биле цел на нападот во Рафах.
Хамдан ја повика меѓународната заедница да ги преведе резолуциите на ОН и наредбата на Меѓународниот суд на правдата Израел да ја запре офанзивата врз Рафах со „воведување санкции против ционистичкиот ентитет“, вклучително и забрана за извоз на оружје во Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху призна дека е направена „трагична грешка“ откако по израелски напад во Рафах се запали шаторски камп во кој се сместени раселените Палестинци и, според локалните власти, загинаа најмалку 45 луѓе.