Имаме дефанзивни и офанзивни планови, но не можам да кажам ништо повеќе од тоа, изјави на портпаролот на израелската армија, Даниел Хагари по состанокот на израелскиот воен кабинет на кој се одлучуваше за одговорот на иранскиот напад.
Тој истакна дека одобрени се оперативни планови и за офанзивна и за одбранбена акција.
– Изминатите два часа одобривме оперативни планови и за офанзива и за дефанзива. Ќе продолжиме да ја штитиме државата Израел и заедно со нашите партнери ќе продолжиме да градиме побезбедна и постабилна иднина за целиот Блиски Исток, посочи контрадмирал Хагари.
Претходно израелскиот претседател Исак Херцог во интервју за „Скај њуз“ изјави дека Израел по синоќешниот напад на Иран „ги разгледува сите опции“.
– Ова е објава на војна. Сега, бидејќи сме воздржани и затоа што ги знаеме последиците, и затоа што размислуваме со нашите партнери, ги разгледуваме сите опции и јас сум сосема убеден дека ќе ги преземеме неопходните чекори за да го заштитиме и одбраниме нашиот народ. Ние не бараме војна, посочи Херцог.
Тој додаде дека синоќешниот напад е „само уште еден пример“ за тоа како функционира Иран, „ширејќи хаос, терор и нестабилност низ целиот свет“.