Свет изјава

Хаарец: Нападите на израелски доселеници врз Палестинци лани зголемени за 25 проценти

Бројот на нападите на израелски доселеници врз Палестинци на Западниот Брег и во Појасот Газа се зголеми за 25 проценти во текот на минатата година, објави израелскиот дневен весник „Хаарец“, повикувајќи се на податоци од израелските одбранбени структури, пренесува ДПА.

Израелските одбранбени сили, одговарајќи на барање за коментар, соопштија дека „во изминатата година е забележано зголемување и на обемот и на тежината на насилството од страна на заселниците“.

Како одговор на ваквиот тренд, израелските сили наведоа дека армијата, полицијата, граничната полиција и националната агенција за внатрешна безбедност „Шин Бет“ формирале заедничка работна група за спречување, сузбивање, истражување и гонење на насилството врз Палестинците.

Од нападот на палестинското движење Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, регистрирани се повеќе од 1.700 напади од страна на доселеници, наведува „Хаарец“.

Само во текот на минатата година, 845 инциденти резултирале со повеќе од 200 повредени и четворица загинати. Во 2024 година, шест Палестинци биле убиени во 675 напади, а 149 биле повредени, се наведува во извештајот.

Според весникот, зголемувањето не се должи само на поголемиот број инциденти, туку и на се почестото учество на поголеми, организирани групи, кои, според проценките на армијата, добиваат поддршка од политичари и познати активисти од крајната десница. Во тој контекст се посочува и растот на т.н. „фарми“, чиј број се зголемил од околу 30 пред почетокот на војната во Газа на повеќе од 120 во моментов.

Според израелската организација за човекови права „Бецелем“ (B’Tselem), овие фарми претставуваат земјоделски имоти преку кои доселениците преземаат контрола врз земјиште на Западниот Брег без официјално одобрение од Израел, за разлика од признатите населби. „Хаарец“ наведува дека жителите на ваквите фарми често се вклучени во напади врз Палестинци.

To top