Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска изјави дека начинот на кој Израел ја спроведува својата воена операција во Појасот Газа „создава огромни пречки за дистрибуција на хуманитарна помош“ во палестинската енклава со 2,3 милиони луѓе.
Тој, исто така, ги повика „израелските власти веднаш да ги укинат ограничувањата на комерцијалните активности“.
Во исто време, амбасадорот на Израел во ОН го критикуваше Советот за безбедност за неговиот одговор на нападот на Хамас на 7 октомври. Критиките уследија по синоќешното гласање за зголемување на хуманитарната помош за Газа.
„Фокусирањето на вниманието на ОН само на механизмите за помош за Газа е непотребно и одвоено од реалноста – Израел веќе дозволува испорака на помош во потребниот обем“, изјави израелскиот амбасадор во Светската организација Гилад Ердан. „ОН требаше да се фокусираат на хуманитарната криза со заложниците“, додаде тој.
Ердан, исто така, им се заблагодари на САД за силната поддршка за Израел за време на преговорите за резолуцијата, која, како што рече, ги зачувува овластувањата на Израел поврзани со безбедноста за проверка на помошта што влегува во Газа.
Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен по гласањето на Советот за безбедност на ОН изјави дека неговата земја ќе продолжи да ја проверува целата хуманитарна помош наменета за Појасот Газа поради безбедносни причини.
Палестинскиот претставник во ОН го дефинираше гласањето како позитивно. Тој нагласи дека оваа резолуција мора да биде спроведена и придружена со „масовен притисок за итен прекин на огнот“ во Појасот Газа.
Палестинското Министерство за надворешни работи, кое е дел од палестинските власти со седиште во Западниот Брег, ја нарече резолуцијата „чекор во вистинската насока“ и додаде дека таа ќе помогне „да се стави крај на агресијата, да се обезбеди испорака на хуманитарна помош и да се заштити палестинскиот народ .
„Сметаме дека ова е чекор кој може да ги ублажи страдањата на нашиот народ во Појасот Газа“, се вели во соопштението на палестинското Министерство за надворешни работи.
Од друга страна, движењето Хамас, кое управува со Појасот Газа, ја нарече резолуцијата „недоволен чекор“ за да се задоволат потребите на опколената енклава.
Во соопштението на палестинското движење се вели дека пет дена американската администрација напорно работела да ја испразни резолуцијата од содржина и конечно да ја објави оваа послаба формулација. Во соопштението се истакнува дека овие акции се предизвик за желбата на меѓународната заедница и на Генералното собрание на ОН да се запре израелската агресија врз беспомошниот палестински народ.
Синоќа, во услови на зголемен глобален гнев поради зголемените цивилни жртви во војната меѓу Израел и Хамас во Газа и продлабочувањето на хуманитарната криза во енклавата, САД се воздржаа од гласањето во Советот за безбедност на ОН, дозволувајќи да се усвои резолуција, поднесена од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). (МИА)