Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, преку видео порака повика 2024 година да биде година на обнова на довербата и враќање на надежта по 2023 година, која, како што рече, е година на огромни страдања, насилство и природни катастрофи предизвикани од климатските промени.
Гутереш предупреди дека војните во светот стануваат се побројни и покатастрофални и затоа 2024 година мора да биде година за враќање на довербата и враќање на надежта.
-Човештвото е во болка. Нашата планета е во опасност, предупреди Гутереш.
Генералниот секретар потсети дека 2023 година беше најжешката година во историјата и дека луѓето ширум светот беа погодени од растечката сиромаштија и глад.
-Мораме да се погрижиме новите технологии, како што е вештачката интелигенција, да бидат сила за добро, рече Гутереш.
На крајот од видео пораката тој посака среќна и мирна Нова година. (МИА)