Свет

Гил: ЕУ сака договор со САД за царините, но подготвена е и на цврст, робустен и навремен одговор на нив

Приоритет на Европската Унија е преку преговори со САД да се најде решение за царините во интерес на двете страни, кое ќе ги зајакне меѓусебните трговски и економски односи, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил во одговор на прашање дали ЕУ е изненадена од најавата на Вашингтон за воведување царина 25 отсто за увозот на возила.

Гил: ЕУ сака договор со САД за царините, но подготвена е и на цврст, робустен и навремен одговор на нив

Приоритет на Европската Унија е преку преговори со САД да се најде решение за царините во интерес на двете страни, кое ќе ги зајакне меѓусебните трговски и економски односи, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил во одговор на прашање дали ЕУ е изненадена од најавата на Вашингтон за воведување царина 25 отсто за увозот на возила.

– Не е поентата дали сме изненадени или не. Поентата е дали сме подготвени или не. А одговорот на тоа е да. Ние сме подготвени да ги заштитиме нашите економски интереси и доколку е потребно ќе дадеме цврст, соодветен, робустен и добро прилагоден и навремен одговор на какви било нефер и контрапродуктивни мерки од страна на САД, рече Гил.

Тој додаде дека ЕУ сака зајакнување на трговски и економски односи со САД, кои, како што рече, се најзначајни и најважни во светот, но смета дека најавните американски мерки водат во сосема погрешна насока.

– Ние не сакаме да го правиме тоа, не сакаме да мораме да воведуваме контрамерки за увозот во ЕУ. Веруваме дека тоа не е добро за никого, туку предизвикува штета. Но, ние сме подготвени за соодветен, добро прилагоден и навремен одговор на сите идни мерки воведени кон нас, рече Гил.

Портпаролот додаде дека засега не може да каже какви ќе бидат контрамерките на ЕУ и кога ќе бидат воведени, но нагласи дека при нивниот избор ЕК ќе води сметка тие да имаат максимално влијание врз САД и минимални последици врз европска економија.

– Не можам да зборувам за временски рокови во врска со идните мерки, бидејќи не знаеме кои се тие идни мерки. Имаме, така да кажам, некои навестувања од Американската администрација за тоа какви би можеле да бидат, но не знаеме никакви детали за нив. Значи, за да можеме да ја обликуваме конкретната содржина на нашиот одговор и времето на нашиот одговор, прво треба да знаеме со што се соочуваме. Во овој момент не знаеме со што се соочуваме во тој поглед, рече Гил.

Тој потенцира дека пролонгирањето на воведувањето европските контрамерки на американските царини за челикот и алуминиумот, првично најавено за од 1 април, е со цел да се даде повеќе време за преговори со американските партнери за постигнување „вин-вин“ решение за двете страна, но и за да се максимизира способноста на ЕУ даде најцврст и најсоодветен можен одговор на воведените царини, доколку не биде постигнат задоволителен договор.

Во однос на сугестијата на американскиот претседател Доналд Трамп до ЕУ да не склучува партнерства против САД со трети земји, како Канада, Гил одговори дека Унијата разговара со своите глобални сојузници и партнери ширум светот за влијанието на царините, бидејќи тие ќе имаат штетно влијание не само врз ЕУ и САД, туку и врз глобалната економија.

– Тоа е едно од причините зошто се обидуваме да вложиме толку многу напор за да се обидеме да ги избегнеме. Секако дека разговараме со различни земји за овие опсежни и штетни царини што ги најавуваат САД, бидејќи тие им нанесуваат штета на сите, потенцира Гил.

To top