Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска ќе замине во посета на Либан и Јордан, објави ДПА.
Во Бејрут тој ќе биде пречекан од либанскиот претседател Џозеф Аун, а планирани се и средби со премиерот Наваф Салам и претседателот на парламентот Набих Бери.
Штајнмаер треба задутре да пристигне во посета на Јордан. Тој ќе биде придружуван од неговата сопруга Елке Буденбендер. Тој ќе ги посети двата арапски соседи на Израел во време кога во Газа е во сила кревко примирје.
Со својата посета, Штајнмаер сака да испрати сигнал до двете земји дека Германија ги поддржува нивните напори за стабилност, соопшти прес-службата на претседателот во Берлин.
Стабилна и безбедна средина во регионот е исто така во интерес на Израел, се вели во соопштението на прес-службата, додавајќи дека Германија сака да придонесе за тоа.
Во Либан, придонесот на Германија вклучува поддршка за мисијата на ОН во Либан (УНИФИЛ) со фрегатата Саксонија-Анхалт, која наскоро ќе биде заменета со Северна Рајна-Вестфалија. Се очекува, Штајнмаер да биде информиран за мисијата на воениот брод. Германската морнарица помага во обезбедувањето на поморските граници и спречувањето на шверцот со оружје како дел од мисијата на ОН во поморската зона покрај Либан. Исто така, тој ќе учествува и во обуката на либанската морнарица, забележа ДПА.